Кадетската кошаркаска репрезентација на Македонија против Израел го претрпе и вториот пораз со конечни 99:90 на континталниот собир за репрезентации до 16 години. Избраниците на Денис Дервишевиќ во обид да го преболат несреќниот пораз од Шпанија, играа одлично во поголемиот дел од средбата, имаа и сигурни +17 поени предност. Но катастрофата се случи во последните 10 минути во кои Израелците се вратија во игра и изнудија да се играат три дополнителни периоди, во кој се израдуваа на минимална победа.
Во четвртиот период Македонија влезе со водство од 62:45, но Израелците имаа одлична серија од 11-0 и ја вратија неизвесноста на средбата. Во трите продолженија од по пет минути, нашите кадетите не ги искористија клучните моменти да го остварат првото славје, а потоа заморот си го направи своето. За поразот придонесе и лошиот учинок на линијата за слободни фрлања, а Македонците промашија 20 шута од 36 обиди.
Одличното издание на Андреј Митревски не го круниса со прва победа, иако беше најефикасен со 22 поени и 9 скока. Наков запиша дабл дабл со 13 поени и 10 скока, Симиќ застана на 9 поени и 18 скока. Кај израелскиот состав, најсрасположен на паркетот беше Шарп со 35 поени.
Македонија утре го игра третиот меч од групната фаза, во 18:45 часот силите ќе ги одмери со селекцијата на Летонија.