Златан Ибрахимовиќ најави дека наскоро повторно ќе го видиме на фудбалскиот терен, и тоа во Италија. Шведскиот голгетер кој неодамна наполни 38 години, моментно е слободен играч откако му истече договорот со Лос Анџелес галакси.
Многумина се уверени дека Златан ќе се врати во Милан, тим во кој има настапувано од 2010 до 2012 година. Сепак, според најавите на влијателниот италијански новинар Џанлука ди Марцио, преговорите меѓу Милан и Ибрахимовиќ пропаднале, и тоа поради парите.
Шведскиот напаѓач барал сума која во Милан не се подготвени да ја платат за 38-годишниот ветеран. Во трка за потписот на Ибрахимовиќ остануваат Болоња, Рома, Наполи, а Златан во една од последните изјави најави дека ќе замине во тим кој мора повторно да почне да победува.
„Наскоро се гледаме во Италија. Заминувам во тим кој мора повторно да почне да победува. Тим кој мора да се врати на старите славни патеки, кој има предизвик на секој нареден меч. Само на тој начин ќе најдам дополнителна мотивација за повторно да можам да ги изненадам гледачите“, најави Ибрахимовиќ.