Актуелниот шампион Тампа Беј и Далас Каубојс вечерва во 2 часот по средноевропско време ќе ја отворат новата, 102-ра сезона во НФЛ-лигата.
Најпопуларниот спорт во САД по пауза од седум месеци, повторно се враќа ширум стадионите, а конкуренцијата е силна како никогаш досега. Легендарниот квотербек, Том Брејди, ќе се обиде да дојде до својот 8 прстен во кариерата и со тоа да ги тргне сите сомнежи (доколку ги има) за тоа кој е најдобриот играч кој некогаш истрчал на терените. Токму Брејди вечерва ќе има можност со победа да го стартува своето патешествие.
Покрај Тампа, најголеми фаворити за да заиграат во „Суперболот“ се Канзас Чивс, предводени од Патрик Махомс, а доколку овие две екипи се сретнат таму, тоа ќе биде реприза од февруари годинава, каде што токму Тампа Беј беа домаќини и славеа со 31:9.
Сепак, сезоната е долга, за почеток треба да се одиграат 17 натпревари во регуларниот дел, што е за првпат во историјата на овој спорт, а потоа следува плејофот.