Пред неколку месеци Тони Крос реши да стави крај на фудбалската кариера, но останува активно да ги следи случувањата во најдобрите првенства. Крос последно го носеше дресот на Реал Мадрид, клуб со којшто стана првак на Шпанија, а триумфираше и во Лигата на шампионите, заминувајќи како вистински победник.
Крос сега е убеден дека Реал повторно ќе биде првак во елитната лига на УЕФА, но не пропушти да ја „пецне“ и Барселона.
„Воопшто не се сомневам дека Реал Мадрид повторно ќе ја освои Лигата на шампионите“, оптимист е Крос, а потоа зборуваше и за тоа што се случува во шпанското првенство. „Ќе биде битка за второто место меѓу Атлетико Мадрид и Барселона, но мислам дека Атлетико Мадрид ќе биде втор. Како и обично, во Барселона се радуваат на победи против Реал, но искрено гледано тоа не е освојување на трофеј. Ако сакаат да бидат на високо ниво, ќе мора да го променат менталитетот“, додаде Крос.
Моментално Реал Мадрид е лидер во шпанското првенство со 50 бода, пред Атлетико Мадрид, кој има 49 и Барселона со 48 бодови. Во Лигата на шампионите, Кралскиот клуб утревечер ќе гостува кај Манчестер сити во нокаут-фазата.