Тони Крос летото 2024 година одлучи и дефинитивно да се пензионира од активното играње фудбал. Тој замина во пензија како освојувач на Лигата на шампионите со Реал Мадрид, а настапи и за Германија на Европското првенство 2024.
Сега вели дека таа одлука долго ја планирал и одлучил да си замине кога е на врвот, иако од Реал Мадрид инсистирале и го убедувале да продолжи да игра.
„Неколку месеци размислував, не одлучив одеднаш. Дури и претходната година размислував за повлекување, но одлучив да ја одиграм и таа сезона, па да се пензионирам, иако од Реал Мадрид инсистираа да продолжам да играм. Тоа не ја промени мојата одлука, сакав да се повлечам на ваков начин, со трофеите од Ла Лига и Лигата на шампионите. Си заминав кога бев на врвот. Си заминав со прекрасно чувство дека ја донесов вистинската одлука и пред некој да ме стави на клупа. Сакав тоа да го избегнам, не можеш да играш до 40-тата година. Треба самиот да се повлечеш пред некој друг да ти каже дека е доста“, вели Крос.