Тони Кукоч повторно номиниран за влез во Куќата на славните на НБА

Тони Кукоч повторно е номиниран за влез во Куќата на славните на НБА-лигата за генерацијата 2021. Хрватската кошаркарска легенда претходно беше номинирана во 2017 година, меѓутоа не се најде меѓу избраниците да биде покрај Шекил О’Нил.

Кукоч беше клучна фигура на Чикаго булс во походот кон трите последователни титули во 1995/96, 96/97 и 97/98 година. Претходно во кариерата блескаше во Европа и со Југопластика трипати го покори Стариот Континент.

Кукоч со репрезентацијата на Хрватска освои сребро на Олимписките игри во Барселона во 1992 година, како и бронзени медали на СП 1994 и Евробаскетот 1995 година. Како член на селекцијата на поранешна Југославија, Кукоч беше светски првак во 1990 година и двократен европски првак во 1989 и 1991 година.

Во Куќата на славните во Спригнфилд, досега се зачленети четворица хрватски кошаркари, а тоа се Дражен Петровиќ, Крешимир Ќосиќ, Мирко Новосел и Дино Раџа.

 

 

- Оглас -

Најнови вести