Заврши преодниот рок за летото 2020, кој всушност влезе и во есенскиот период поради поместувањето на сезоната. Премиерлигашките гиганти доминираа на пазарот и повторно најмногу трошеа со тоа што Челзи најмногу ја испразни касата и потроши повеќе од 250 милиони евра за обнова на тимот на Френк Лампард.
Токму на „Стемфорд бриџ“ се случи најскапото засилување за ова лето, од Баер Леверкузен пристигна талентираниот Кај Хаверц за сума од 80 милиони евра, со тоа што Сините го израмнија клупскиот рекорд по ангажмирањето на голманот Кепа Аризабалага. Во топ 10 најскапи трансфери за ова лето се најдоа уште Тимо Вернер и бекот Бен Чилвел, Челзи за двајцата плати 53, односно 50 милиони евра на Лајпциг и три на Лестер.
Размената меѓу Јувентус и Барселона со Артур Мело и Миралем Пјаниќ се најде на оваа листа. Трансферот на Бразилецот во Торино чини 72 милиони евра, додека Каталонците за Босанецот исплатија до 60 милиони евра. Наполи, тимот на Елиф Елмас, исто така трошеше наголемо за еден играч, ангажманот на напаѓачот Виктор Осимен е клупски рекорд за 70 милиони евра.
Гвардиола повторно ја засилуваше одбраната, па Сити потроши 68 милиони евра за стоперот Рубен Дијас од Бенфика. Арсенал се избори за место во топ 10 листата во последниот ден од преодниот рок со доведувањето на Томас Парти од Атлетико Мадрид за 50 милиони евра.
Иако Алваро Мората замина на позајмица во Јувентус, Атлетико Мадрид дури ова лето го откупи неговиот договор од Челзи, па затоа шпанскиот голгетер е на оваа листа.
Топ 10 трансфери за лето 2020:
Кај Хаверц, од Баер Леверкузен во Челзи – 80 милиони евра
Артур Мело, од Барселона во Јувентус – 72 милиони евра
Виктор Осимен, од Лил во Наполи – 70 милиони евра
Рубен Дијас, од Бенфика во Манчестер сити – 68 милиони евра
Миралем Пјаниќ, од Јувентус во Барселона – 60 милиони евра
Алваро Мората, од Челзи во Атлетико Мадрид – 56 милиони евра
Тимо Вернер, од Лајпциг во Челзи – 53 милиони евра
Бен Чилвел, од Лестер во Челзи – 50 милиони евра
Мауро Икарди, од Интер во ПСЖ – 50 милиони евра
Томас Парти, од Атлетико Мадрид во Арсенал – 50 милиони евра