Продолжението на пандемијата со ковид-19, отсуството на навивачи на трибините и финансиската криза кај клубовите донесе интересен развој на настаните во втората фудбалска сезона што се игра во чудни услови во Европа.
Освен Баерн Минхен, кој ја брани титулата во Германија и е лидер на табелата во моментов во Бундеслигата, ниту еден друг шампион не е во позиција да биде главен фаворит за домашниот пехар во Топ-5 лигите во Европа.
Во шесттата по квалитет, португалската, веќе е извесно дека непоразениот Спортинг Лисабон ќе го симне Порто од престолот и по 18 години апсолутна доминација на Змејовите од Порто и на Орлите од Лисабон, како што е прекарот на Бенфика, ќе ја освои титулата.
Викендов Спортинг го прегрме и тешкото гостување кај шампионот Порто, остана непоразен и по 21 коло и со девет бода предност пред Брага, 10 повеќе од Порто и дури 16 од градскиот ривал Бенфика, е очигледен фаворит за пехарот.
БРИЛИЈАНТНИОТ МАНЧЕСТЕР СИТИ ГИ ЗБРИША РИВАЛИТЕ ВО АНГЛИЈА
Прашањето за титулата е решено и во Англија, а и тука веќе е јасно дека актуелниот првак Ливерпул нема шанси да го стигне лидерот Манчестер сити. Црвените од „Енфилд роуд“ имаат дури 19 бода помалку од брилијантниот Манчестер сити, екипа што со фантастична серија од 13 победи по ред доминира во Премиер лигата.
Предноста на популарните Граѓани пред градскиот ривал Манчестер јунајтед е цели 12 бода, од Лестер и 13, па јасно е дека и во Англија ќе има нов првак.
Според тоа како игра, и најтрофејниот италијански тим ќе ја заврши неверојатната доминација во Калчото со девет титули по ред. Се разбира, станува збор за Јувентус, а завршниот збор во Серија А ќе го имаат, пред сè, лидерот Интер, кој сега е главен фаворит за Скудетото и можеби и Милан, кој е втор со четири бода помалку од градскиот ривал од Милано.
Јувентус не смее да се отпише, но сега веќе не е во пол-позиција за десетката во низа и ќе мора да чека киксови на Интер и на Милан. И во Италија, како и во Англија и Португалија, на повидок е детронизирање на шампионот во втората фудбалска сезона што се игра во услови на ковид-19.
БАЕРН Е ПРВ, НО ЌЕ ОСТАНЕ ЛИ НА ВРВ ПРЕД ОПАСНИТЕ БИКОВИ ОД ЛАЈПЦИГ?
Само Баерн Минхен од најсилните пет лиги во Европа како бранител на титулата е лидер и во актуелната сезона, но и навидум недопирливите германски, европски и светски прваци не се сигурни дека ќе ја освојат домашната круна. Баерн има набиен распоред, игра на многу фронтови сезонава, што е шанса, пред сè, за Лајпциг да приреди сензација и да го детронизира тимот кој е во поход по деветтата шампионска круна по ред, или вкупно 31-ва.
Во последните шест сезони во Шпанија се менуваа Барселона и Реал Мадрид како шампиони на земјата што е фудбалска велесила, но и таа оска на вечните ривали сега опасно ја загрозува Атлетико Мадрид.
Екипата што единствено била првак во последните 16 сезони освен гигантите Барселона и Реал Мадрид, сега е во одлична позиција пак да ја растури опасната доиминација на ривалите од „Ел Класико“.
Јорганџиите играат одлично и се на врвот во Ла Лига со пет бода повеќе и меч помалку во однос на Барселона и шест бода пред Реал Мадрид. Во следните 14 кола ќе се обидат да ја одбранат предноста и по 11-ти пат да станаат шампиони на Шпанија.
Топ-5 лигите во Европа ги заокружува француската Лига 1, а и тука голема е доминацијата на еден тим во последните години. Пари Сен Жермен освои седум од последните 8 титули и е во можност да стигне до десеттата шампионска круна, со што би се израмнил со француските рекордери Сент Етјен и Марсеј.
Но, сезонава на домашен план и на Светците не им оди по план, или не доминираат како минатите години, иако имаат убедливо најскап тим и најголем буџет во Франција.
Лил е пред нив како лидер во првенството со 59 бода, два повеќе од шампионот, а сега и битката е многу драматична со вкупно четири кандидати за титулата.
Веднаш зад ПСЖ, со еден бод помалку е Лион, а два минус има Монако, во круг на покер-конкуренти за пехарот што се во круг од само четири бода разлика.
Парижани сигурно ќе имаат и многу повеќе натпревари од Лил, Лион и Монако, кои не играат во европските купови, па нема да биде чудо ако не ја одбранат титулата.