Фудбалерите на Арсенал продолжуваат со одличните игри сезонава и во лондонската пресметка со Фулам славеа со 0:3 со што ја вратија предноста од пет бода на табелата во Премиер лигата. Арсенал по 27 кола има 66 бода, додека Манчестер сити е втор со 61.
Топчиите работата против Фулам ја завршија во првото полувреме кога ги постигнаа сите три гола, а вистински херој беше Леандро Тросар кој асистираше при сите три гола.
Резултатот го отвори Габриел во 21-та минута, а само пет минути подоцна, Мартинели зголеми на 2:0. Во последните моменти од првото полувреме, Мартин Одегард ја завери победата на Топчиите.
Манчестер јунајтед не успеа да го победи последнопласираниот тим на табелата, Саутемптон играјќи без голови на „Олд трафорд“. Голем дел од вината за ремито сноси Бразилецот Каземиро кој поради остар старт, во 34-та минута заработи директен црвен картон.
По ремито, Јунајтед остана на третото место на табелата со 50 бода, два повеќе од Тотенхем, и осум од петтиот Ливерпул.
И во вториот натпревар што се играше во Лондон, головите беа постигнати во првото полувреме. Вест Хем и Астон Вила одиграа 1:1, а гостите поведоа преку Оли Воткинс. Чеканите од пораз ги спаси Бенрама со гол од пенал во 26-та минута.