Тореира во агонија, а навивачите на Портсмут му пееја „Дома ќе си одиш со амбулантно возило“

Арсенал како гостин со 2-0 го победи третолигашот Портсмут и се пласираше во четвртфиналето на ФА купот. Сепак, Топчиите имаат и причина за загриженост бидејќи во 16-тата минута со потешка повреда на глуждот се здоби Лукас Тореира. За моментот во кој му беше нанесена повреда, судијата Мајк Дин не досуди ниту фаул, а камоли да покаже картон.

Она што ги згрози љубителите на фудбалот е што пред да сфатат дека станува збор за сериозна повреда, навивачите на Портсмут, кои се едни од најнедисциплинираните, но и меѓу најверните (пеат без прекин и кога тимот губи) во Англија, според некои новинари, на Тореира му скандирале „Дома ќе си одиш со амбулантно возило“ и му се смееле.

Сепак, потоа кога Тореира на носила и со маска за кислород беше изнесен од теренот, доби аплаузи од мнозинството присутни на жешкиот „Фратон парк“.

На Портсмут не му лежи Арсенал. Дури и кога беа во Премиер лигата, Помпеите не знаеја за победа над Арсенал. Портсмут од далечната 1958 година наваму не знае за триумф против Арсенал. И покрај овој резултат, Портсмут ќе заигра на „Вембли“ пред Арсенал. На 5 април Портсмут треба да игра на легендарниот стадион против Салфорд за ЕФЛ трофеј, а Арсенал ќе игра на „Вембли“ во мај, и тоа под услов да стигне до финалето на ФА купот, што нема да биде лесно.

Портсмут на овој меч со Арсенал играше без шестмина стандардни стартери, веројатно беа свесни дека ќе бидат елиминирани дури и да играат со најсилен состав, па си ги чуваа силите за мечевите во Лига 1, каде што бркаат место во Шампионат лигата.

- Оглас -

Најнови вести