Торонто репторс е најдобриот тим на стартот во НБА лигата. Тимот од Канада има перфектни шест триумфи, без пораз. Ноќеска беше победен Далас со 116:107 и Торонто го продолжи најдобриот старт во клупската историја. Интересно е тоа што распоредот во НБА сакаше Торонто да биде домаќин на пет од првите шест средби во сезоната и засега одлично го користи својот терен и ги радува навивачите.
Уште од самиот почеток, домаќините покажаа дека нема да му дозволат на Далас ни да се понадева на триумф. По шест минути игра, „рептилите“ водеа со 18:2, а по првите 12 минути, на семафорот стоеше 39:26. Далас се приближи на 50:45, но на полувремето разиката беше зголемена на девет поени (69:60). Иако Далас во второто полувреме се доближи и на три поени, сепак не успеа да му го нанесе првиот пораз на моментно најдобриот тим во НБА лигата.
Тимската игра е најголемо оружје на Торонто. Против Далас, дури седуммина играчи постигнаа двоцифрен број на поени, а ноќеска предводник беше Леонард со 21 поен, а Лобри додаде 20 поени и 12 асистенции.
Со перфектен старт е и Милвоки, кој немаше милост и со убедливи 125:95 победи на гостувањето кај Минесота. За бакси ова беше петта победа по ред и се веднаш зад Торонто, не само на Истокот туку во цела НБА лига. До петата победа стигна и шампионот Голден Стејт кој со 128:110 го победи Њујорк на гости. „Воините“ имаат пет победи, но и еден пораз, за разлика од безгрешниот Милвоки.
Во останатите мечеви: Шарлот – Чикаго 135:106, Хјустон – ЛА Клиперс 113:133, Њу Орлеанс – Бруклин 117:115, Сакраменто – Вашингтон 116:112.