Муса Дембеле е на прагот да стане нов играч на Пекинг Гуан откако Тотенхем ја прифати понудата од 11 милиони фунти од кинескиот клуб. Белгиецот ќе ги напушти „петлите“ по шест и пол години, а клубот се обидува да заработи од неговата разделба бидејќи важечкиот договор му истекува по крајот на оваа сезона.
Дембеле пристигна на „Вајт харт лејн“ од редовите на Фулам во претпоследниот ден од летниот преоден рок во 2012 година, а Тотенхем за него исплати 17 милиони фунти. Настапи на 249 меча во сите натпреварувања, во коишто запиша 10 гола и 12 асистенции. За белгиската репрезентација забележа 80 настапи и беше дел од тимот кој го освои третото место, односно бронзениот медал на последниот Мундијал кој се одигра во Русија.
Во овој преоден рок се очекува уште едно заминување од Тотенхем, Винсент Јансен има дозвола да си најде нов клуб откако не ги оправда очекувањата.