Непосредно по официјалното отворање на новиот ултрамодерен стадион, Тотенхем пријави рекорден профит за изминатата година пред пресметан данок. Имено, „петлите“ заработиле 113 милиони фунти (132 милиони евра) и со тоа станаа втор клуб по Ливерпул кој пријавува заработка над 100 милиони фунти и воедно го урнаа рекордот на „црвените“ поставен претходно оваа сезона.
Иако изградбата на новиот стадион ги чинеше помалку од една милијарда евра, Тотенхем забележа огромна заработка благодарение на играњето на домашните натпревари на „Вембли“ и фактот што не потрошија ниту еден цент за нови засилувања во минатиот летен и зимски преоден рок.
Иако „Најки стадионот“ (Нов Вајт харт лејн) требаше да се отвори со почетокот на тековната сезона, церемонијата се одложуваше неколку пати, па Тотенхем мораше да биде домаќин на мечевите на националниот стадион „Вембли“. Фрустрирачкото чекање сепак се исплати, благодарение на вишокот места, Тотенхем продаде 340.000 билети повеќе, според податоците на претседателот Даниел Леви.
Продажбата на билети „скокна“ од 45 на 71 милион евра, додека 62 милиони евра се заработка од пласманот во нокаут-фазата од Лигата на шампионите во ланската сезона.
И покрај рекордниот профит, Тотенхем се задолжи за да го изгради стадионот, а позајмувањата ја достигнаа сумата од 628 милиони евра, иако првично беше планирано да се позајмат 468 милиони евра.