Тотенхем убедливо со 3-0 ја победи Борусија Дортмунд во првиот меч од осминафиналето во Лигата на шампионите и на тој начин си обезбеди висока предност пред реваншот во Германија. Одличен резултат пред вториот меч има и Реал Мадрид, кој победи со 2-1 на гости кај Ајакс во Амстердам.
Иако Тотенхем играше без неколу стандардни играчи, меѓу кои и првиот стрелец Хари Кејн, на крајот стигна до посакуван триумф без да прими гол. Првиот дел не навестуваше дека англискиот тим може да победи со 3-0, посебно ако се знае дека Борусија беше многу добар тим. Гостите упатија дури 10 шута во првите 45 минути, но не погодија, а потоа во второто полувреме ги стигна казна.
Сон погоди во 47-мата минута и го најави триумфот на Тотенхем. Играч на мечот дефинитивно е Вертонген, кој освен тоа што одлично си ја заврши работата во одбраната, успеа да даде и еден гол, а имаше и една асистенција. Вертонген асистираше за погодокот на Сон, а потоа во 83-тата минута погоди за 2-0. Пред крајот на средбата, нововлезениот Љоренте со глава, по корнерот на Ериксен, погоди за конечни 3-0.
Реал Мадрид покажа зошто е актуелен европски првак и славеше во Амстердам против Ајакс. И на овој меч немаше погодоци во првиот дел, а резултатот го откри Карим Бензема со погодок во 60-тата минута. Ајакс израми преку Зијех во 75-тата минута, но Асенсио, кој велзе од клупата за резерви, имдонесе победа на мадриѓаните во 87-мата минута.