Тренерот на Тотенхем, Маурисио Покетино, смета дека клубот нема шампионски менталитет и тоа е пречка за освојување на титулата во Премиер лигата. „Петлите“ од Лондон не заостануваат премногу во трката за првото место, но и самите не веруваат дека може да се искачат на врвот.
Доказ дека Покетино е во право беше киксот пред десетина дена, кога загубија од Барнли и останаа без драгоцени три бода. Сега Тотенхем има шест бода помалку од Ливерпул, а пет од Манчестер сити.
„Ако сакате да бидете сериозен кандидат за титула во Премиер лигата, мора да добивате мечеви како тој со Барнли, без разлика дали сте играле добро или не. Фрустриран сум што не покажавме дека се бориме за големи работи. Немавме амбиција и борбеност како Барнли. Тоа е нешто што нè турка наназад и ќе требаат пет до десет години да се смени тој ментален склоп“, вели Покетино.
Тимот на Покетино вечерва гостува кај Челзи и нема да имаат проблем со мотивацијата.
„Полесно е да се игра против Челзи или Арсенал. На играчите не им треба менаџер за да ги мотивира за такви мечеви. Но, ако не ја покажеме истата мотивација и кога играме против екипи како Барнли, не заслужуваме ништо. Ние сме добар тим, но тоа не е доволно за титула, тоа е реалноста“, додава Покетино.