Менаџерот на Тотенхем, Томас Франк, изјави дека би сакал суперѕвездата Хари Кејн да се врати во клубот од којшто потекнува.
„Многу навивачи на Тотенхем, вклучувајќи ме и мене, би сакале да се врати. Веројатно сега ќе остане во Баерн Минхен и ќе продолжи да игра одлично. Минатата сезона беше најдобар стрелец и ја освои титулата во Бундеслигата“, изјави Франк за „Скај спорт“.
Кејн е продукт на академијата на Тотенхем, каде што играше од 2009 година, со исклучок на две години на позајмици. Тој клуб го напушти во август 2023 година како најдобар стрелец во историјата со 280 гола на 435 натпревари, без освоен трофеј.
Преку трансфер од 100 милиони фунти, Кејн премина во Баерн Минхен за да освојува трофеи. Таму веќе има 103 настапи и 98 гола, титула во Бундеслигата, Суперкуп и европска Златна копачка за најдобар стрелец во првата сезона. Оваа сезона постигна 13 гола на седум натпревари, а откупната клаузула во неговиот договор следниот јануари ќе падне од 67 на 54 милиони фунти.
„Не знам што размислува. Но, секогаш е добредојден. Ако сака да дојде, тоа би било повеќе од добро за нас“, додаде Томас Франк.
Хари Кејн засега е задоволен во Баерн Минхен и не планира да ја активира клаузулата. Тотенхем е првата опција, но оваа клаузула само овозможува клубот да му испрати понуда, а не гарантира автоматско враќање во Лондон.