Екипата на Тотенхем се пласираше во 16-финалето на ФА Купот откако со 3:0 славеше на гостувањето кај Тамворт, тим кој се натпреварува во петата лига во Англија. И покрај тоа што Тотенхем оди понатаму, сепак лондонскиот тим се посрамоти затоа што не успеа во регуларните 90 минути да го скрши отпорот на домаќинот.
Сепак, во дополнителните 30 минути, Тотенхем постигна три гола и на крајот стигна до триумф кој делува убедлив. Најпрво Цикуна си даде автогол во 101 минута, потоа погоди Кулушевски, а Џонсон со погодок во 118 минута шутираше прецизно за конечни 3:0.
Ова е само четврти пат во ФА Купот од 1992 година до сега, еден премиерлигаш да не успее да слави во регуларниот дел против ривал кој е од петта лига или пониско рангиран. Претходно премиерлигаши кои се посрамотиле се Лестер против Херефорд (сезона 1999/2000), Чарлтон во дуелот со Даг & Ред (2000/01) и Вест хем против Кидерминстер (2021/22).
Интересно е дека мечот доцнеше неколку минути откако беше констатирано дека има дупка во мрежата на еден од головите, па домашните фудбалери самите мораа да ја „зашијат“ дупката.