Тотенхем во три дена елиминиран од двата англиски купа

Кристал палас со 2-0 го совлада Тотенхем во мечот од четвртото коло во ФА купот. Избраниците на Маурисио Покетино само за три дена претрпеа елиминации од двата купа во Англија, откако во четвртокот по пенал-рулет загубија од градскиот ривал Челзи во полуфиналето од Лига купот.

На средбата која се одигра на „Селхурст парк“, домаќините  уште во првиот дел стигнаа до предност од два гола. Во деветтата минута гол постигна Викам, додека во 34-тата минута Таунсенд беше прецизен од белата точка. И Тотенхем доби шанса да реализира погодок од пенал, но Трипие не успеа да ја смести топката во мрежата, со што „петлите“ би се вратиле во мечот.

Иако доминираа во решавачките 45 минути, гостите од северен Лондон не можеа да ја пробијат одбраната на „орлите“, па елиминацијата беше неизбежна.

Во 19 часот започнува средбата на „Стемфорд бриџ“ меѓу Челзи и Шефилд вензди.

- Оглас -

Најнови вести