Тоти и Рома се разделија по 30 години неизмерна љубов

Франческо Тоти ја напушта директорската функција во Рома и со тоа става крај на 30-годишниот престој во римскиот клуб. Тоти целата професионална кариера ја мина во редовите на „џалоросите”. Откако во јули 2017 година се пензионираше како играч, започна да работи во клубот како директор.

Односите со претседателот Џејмс Палота му се влошија, особено по ослободувањето на тренерот Еузебио ди Франческо во март, потоа Тоти се налути што на другата легенда Даниеле де Роси не му е продолжен договорот, а минатата недела американскиот бизнисмен со италијанско потекло објави дека на Тоти му предложил да биде технички директор.

„Си одам од Рома. Се надевав дека овој ден нема никогаш да дојде, но ете и тој грозен и тежок ден за мене пристигна. Не добив шанса да работам во спортско-техничкиот дел, ме тргнаа на страна. Рома треба да биде на прво место. Претседателите, играчите и тренерите се менуваат, но боите на клубот не. Оваа разделба не е по моја вина”, рече Тоти на денешната прес-конференција.

Тоти во 1993 дебитираше за првиот тим на Рома како 16-годишен. Даде 307 гола на 785 меча, а освои една титула во Серија А во 2001 и два Купа на Италија.

- Оглас -

Најнови вести