Во интервју за најпознатиот шпански спортски весник „Марка“, италијанската фудбалска легенда Франческо Тоти говореше за тоа како во денешно време се губи значењето на дресот со бројот 10 и дека ја нема верноста и љубовта кон клубовите за коишто играте.
„Не ги критикувам играчите кои заминуваат во Саудиска Арабија, но јас не би направил такво нешто во мојата кариера. Сега младите не мислат само на фудбалот“, изјави Тоти, кој 25 години играше за Рома одбивајќи понуди, меѓу кои и таа на Реал Мадрид.
„Претседателот на Реал, Флорентино Перес, ми рече дека тоа што не успеал да ме земе во Реал, му е најголем неуспех во кариерата. Разликата е што порано имаше поголема љубов кон играта, љубов и верност кон тимот за којшто играте, поголема почит. Сега децата одат таму каде што најдобро се плаќа“, вели Тоти.
Тоти во својата Рома го носеше дресот со бројот 10, порано се знаеше дека најдобриот играч во тимот треба да ја има 10-ката на грбот, но сега тоа се губи.
„Сега бројот 10 е како и сите други, се губи неговата важност. Порано бројот 10 во тимот беше поважен“, заклучува „принцот на Рим“.