Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас и понатаму е во фокусот на трансфер шпекулациите, иако моментално е дел од подготовките на Лајпциг и настапува на пријателски натпревари. Се чини дека тешко ќе остане дел од германскиот клуб во новата сезона, поради што неговото име речиси секојдневно се поврзува со различни клубови низ Европа.
Досега се споменуваа опции за враќање во Торино, преселба во Шпанија, останување во Италија или продолжување во Бундеслигата, а најновото сценарио вклучува можност за трансфер или позајмица во турскиот Трабзонспор, клубот за кој претходно настапуваше Енис Барди.
Доколку се реализира ваков трансфер, тоа би значело враќање на Елмас во Турција по цели шест години, откако ја напушти земјата во 2019 година по успешниот период во Фенербахче, каде се етаблираше како талентиран играч. Иако враќањето не би било во неговиот поранешен клуб, Трабзонспор нуди амбициозна средина која може да му овозможи повеќе минути и клучна улога во тимот.