Италија сигурно ќе има свој претставник во големото финале од Лигата на шампионите, и тоа се знае градот, а тоа е Милано. Интер и Милан ќе играат во едното полуфинале, а во другото ќе се сретнат Реал Мадрид и Манчестер сити.
Интересно е дека повеќе од 10 години поминаа како Интер и Милан не биле во елитната европска четворка. Интер за првпат по 2010 година е во оваа фаза, а интересно е дека Нераѕурите во таа сезона не само што играа полуфинале, туку беа дел и од финалето и на крајот се радуваа на трофејот.
Тоа важи и за Милан. Росонерите од 2007 година не биле дел од полуфиналето, а кога тоа се случи, Милан стигна и до титулата во Лигата на шампионите. Тоа значи дека кога последен пат биле дел од полуфиналето, Милан и Интер го кревале трофејот.
Од друга страна, Реал Мадрид е клубот кој апсолутно доминира во Лигата на шампионите и по 11-ти пат во последните 13 сезони ќе игра во полуфиналето. Кралскиот клуб убедливо е најтрофејниот клуб во елитното европско натпреварување, додека Манчестер сити е единствениот од четирите преостанати кој нема освоено ниту една европска титула.

