Големото скопско дерби меѓу Вардар и Шкупи е во фокусот на второто коло од Прва фудбалска лига на Македонија. Најтрофејниот клуб е домаќин на чаирчани и тоа во Маџари на стадионот „Борис Трајковски“, затоа што Арената „Тодор Проески“ е затворена поради очајната состојба на теренот.
Вардар во последните две сезони беше во Втора лига, но сега се врати и тоа што е позитивно за Црвено-црните е дека новите странски засилувања добија дозвола за настап. И Вардар и Шкупи загубија во првото коло на гостински терен, па ова е шанса за двете екипи да се корегираат.
На страна на Вардар ќе биде и големата поддршка од Комитите кои се очекува да ги наполнат сите слободни места на стадионот „Борис Трајковски“.
Ако се погледне традицијата, Вардар е фаворит затоа што во последните седум меѓусебни меча, најтрофејниот клуб има три победи над Шкупи, чаирчани се радувале само еднаш, а три пати било нерешено. Во овој период дури пет пати резултатот бил со најмногу два гола.
Во останатите мечеви кои се играат денеска ќе играат: Брера Струмица – Воска Спорт, Гостивар – Тиквеш, Македонија Ѓорче Петров – Брегалница и Силекс – Работнички.