Трагедија го потресе Балканот: Воз усмрти 17-годишен фудбалер во Хрватска

Голема трагедија ја потресе Хрватска во текот на денешниот ден, откако во страшна несреќа животот го загуби 17-годишен фудбалер.

Хрватската полиција потврди дека во понеделник наутро, околу 8 часот и 50 минути, воз удрил во малолетно момче, кое загинало на лице место.

„Пријавата за настанот пристигна денеска околу 8:50, но бидејќи станува збор за малолетник и најверојатно се работи за несреќен случај, не можеме да изнесуваме повеќе детали за трагичниот настан“, соопштија од полицијата.

Наскоро се утврди дека станува збор за фудбалер на Младост од Бузин, чиј претседател, Марио Бан, веднаш се огласи.

„Кога слушнав, веднаш дојдов. Тоа дете беше член на нашиот клуб. Ваква трагедија немаме доживеано, и никому не би му ја посакал“, изјави првиот човек на Младост.

Случајниот минувач Михаел Гајиќ бил сведок на трагичната несреќа.

„Минував и возот удри во нашето 17-годишно момче. Сѐ се случи за секунда“, објасни видно потресениот Гајиќ.

Трагичната несреќа се случила во загрепската населба Бузин, од каде потекнува и клубот за кој настапувал младиот фудбалер.

- Оглас -

Најнови вести