Легендарниот кошаркарски тренер Хозе Марија Мартин Урбано (72) почина за време на натпреварот на неговиот клуб Уникаха во Лигата на шампионите на ФИБА.
Тој од трибините го следеше својот тим кога му се слошило, а подоцна е утврдено дека станувало збор за срцев удар. Тој боледувал од Ангина пекторис, па неговото срце не можело да го издржи срцевиот удар. На Урбано му се слошило за време на првата четвртина и веднаш му била укажана прва помош, но лекарите не успеале да го реанимираат поранешниот тренер на Уникаха.
„Малага тагува, денеска почина Хозе Марија Мартин Урбано, поранешен тренер на нашиот клуб и клучна фигура во развојот на кошарката во нашиот град. Тој го следеше натпреварот против Дижон кога му се слоши, сите обиди за реанимација биле неуспешни. Почивај во мир Хозе“, соопшти шпанскиот тим.
Урбано е една од најголемите легенди на Малага, беше тренер на тимот во неколку наврати и го направи клубот еден од најдобрите во Шпанија.