Резервниот голман на Интер, Хозеп Мартинес (27), доживеа трагедија откако утринава со автомобил случајно удри човек во електрична инвалидска количка, при што му го одзеде животот.
Несреќата се случила утринава во Фенегро, во провинцијата Комо, близу Апијано Џентиле, недалеку од тренинг-центарот на Интер.
Околу 9:45 часот на улицата „Виа Бергамо“, Хозеп Мартинес, вториот голман на Интер, со својот автомобил удрил 81-годишен маж во електрична инвалидска количка, кои минувачите ги опишале како „скутер на четири тркала“.
Ударот бил многу силен и покрај брзата интервенција на хеликоптерската и пешачката екипа на итната помош и полицијата, за возрасниот човек немало спас — тој починал на самото место.
Според првичната реконструкција, човекот можеби се чувствувал лошо и ја напуштил велосипедската патека за да го премине патот во спротивна насока на сообраќајот.
Мартинес веднаш застанал за да пружи прва помош и соработувал со властите.
Дваесет и седумгодишниот голман не е повреден и не бил префрлен во болница. Полицијата спровела истрага за да се утврдат точните околности на несреќата, а патот привремено бил затворен за спасувачки операции и рутински проверки.
Шпанскиот голман оваа сезона има два настапи во Серија А, а има и еден настап за репрезентацијата на Шпанија.
Хозеп Мартинес потекнува од Барселона и претходно браниеше за Лас Палмас, Лајпциг и Џенова, а од минатото лето е член на Интер, кој за него плати 14 милиони евра.
Оваа сезона бранеше по 90 минути на натпреварите против Сасуоло и Каљари, додека на преостанатите натпревари беше резервен голман.

