Фудбалскиот свет денеска е потресен од веста за изненадната смрт на 28-годишниот репрезентативец на Габон и напаѓач на кинескиот клуб Жејианг, Арон Бупендза. Тој трагично го загуби животот во Хангжу откако паднал од 11-ти кат од зграда. Трагедијата предизвика шок кај неговите соиграчи, навивачите и љубителите на фудбалот ширум светот.
Според првичните информации, околностите на несреќата сè уште не се целосно разјаснети, а кинеските власти спроведуваат истрага. Иако се појавија шпекулации за можно самоубиство, официјална потврда за причината за смртта сè уште нема.
Клубот реагирал откако Бупендза не се појавил на тренинг, а загриженоста набргу се претворила во трагедија.
Аарон Бупендза е роден на 7 август 1996 година во Моанда, Габон. Кариерата ја започнал во локалниот клуб Мунана, а потоа настапувал за бројни тимови низ Европа, Азија и Америка. Се прослави во турскиот Хатајспор, каде што во сезоната 2020/21 беше најдобар стрелец во Суперлигата на Турција. Во својата кариера играше и за: Бордо, Ажаксио, Феиренсе, Ал-Араби, Ал-Шабаб, Синсинати, Рапид Букурешт и Жејианг.
За репрезентацијата на Габон дебитираше во 2016 година и настапи на 35 натпревари, при што постигна осум гола. Беше дел од тимот на Африканскиот куп на нациите во 2021 година, каде што одигра значајна улога.
Смртта на Бупендза ја потврди и претседателот на Габон, Брис Олиги Нгема, кој изрази сочувство до семејството и го нагласи неговиот придонес кон националниот спорт.