Трагедија во Перу: Еден загинат и околу 50 повредени во хаосот пред големото дерби (Видео)

Трагичен инцидент го потресе Перу, само неколку часа пред големото дерби меѓу Университарио и Алијанса Лима. Најмалку еден навивач го загуби животот, а уште 47 лица се повредени во нереди и хаос на стадионот „Алехандро Виљануева“ во главниот град Лима.

Информацијата официјално ја потврди министерот за здравство Хуан Карлос Веласко за агенцијата Франс прес.

„На стадионот се случи трагедија во која 47 лица се повредени, а за жал имаме и еден смртен случај“, изјави Веласко, без да открие повеќе детали за точната причина за инцидентот. Првичните информации за уривање на трибина беа демантирани од раководството на Алијанса Лима и локалната противпожарна служба.

Состојбата на дел од повредените е сериозна – 39 лица веќе се хоспитализирани. Меѓу нив има тројца малолетници, а тројца пациенти се во критична состојба и лекарите се борат за нивниот живот.

Полицијата во Лима веќе започна истрага за да ги утврди причините за трагедијата, која ја засени атмосферата пред еден од најважните натпревари во земјата.

 

- Оглас -

Најнови вести