Десет мртви лица и три во критична состојба е резултатот од пожарот кој го опфати тренинг-центарот на Академијата на клубот Фламенго во Рио де Жанеиро.
Едната зграда е целосно уништена во пожарот, а иако не се објавени детали околу идентитетот на жртвите, речиси сигурно станува збор за играчи на Фламенго на возраст од 14 до 17 години бидејќи децата од тие возрасни категории биле сместени во зградата.
Меѓу првите кои изразија сочувство е Винисиус жуниор од Реал Мадрид, младиот бразилски фудбалер кој до лани го носеше дресот на славниот клуб од Рио, а пред да стане сениорски играч, и тој беше дел од Академијата.
„Колку тажна вест. Се молиме за сите. Бидете силни“, порача Винисиус.
И некои од ривалските бразилски клубови покажаа солидарност во овие лоши моменти за Фламенго и преку социјалните мрежи изразија сочувство. Пожарот се случил околу 5 часот наутро, кога младите фудбалери спиеле. Причината за пожарот засега не е позната.