14.8 C
Skopje
недела, 21 септември 2025

Трагедија во Србија: Почина поранешен играч на Црвена ѕвезда

Поранешниот фудбалер на Црвена ѕвезда и српски репрезентативец, Дејан Миловановиќ, почина само на 42 години. Оваа трагична вест во попладневните часови го зацрни српскиот фудбал.

Несреќата се случила денес попладне, за време на натпревар меѓу ветераните на Звездара и ПКБ. Миловановиќ, кој претходно успеал да постигне гол, паднал на тревникот токму кога требало да изведе корнер. Брзата помош реагирала веднаш и успеала да го реанимира на лице место, по што бил пренесен во болницата во Звездара. Сепак, по вториот срцев удар лекарите не успеале да му го спасат животот.

Лигата на ветерани ја потврди тажната вест и соопшти дека следното коло, закажано за 18 септември, ќе биде одложено.

Миловановиќ целата младинска школа ја мина во Црвена ѕвезда, каде што беше и капитен, а во 2001 година дебитираше за првиот тим. Заедно играше со имиња како Бошко Јанковиќ, Милан Јовановиќ, Душан Баста и Марко Перовиќ. Со клубот освои четири титули, а подоцна ја продолжи кариерата во Ленс. Во 2007 година негов тренер беше и Македонецот Бошко Ѓуровски.

Во 2010 година повторно се врати во редовите на Црвено-белите и вкупно одигра 230 натпревари и постигна 48 гола. Освен во Црвена ѕвезда и Ленс, настапуваше и за грчкиот Паниониос, а последен клуб му беше Вождовац, каде што ја заврши кариерата во 2014 година.


За сениорската репрезентација на Србија имаше два настапи, а во младинските селекции собра 23 меча.

- Оглас -

Најнови вести