Трагедијата на Роналдо ги спои вечните ривали – Копот на Ливерпул подготвува гест за почит

Ливерпул и Манчестер јунајтед се вечните ривали на англискиот фудбал и двете најтрофејни екипи, а вечерва ќе бидат сплотени со цел да му оддадат почит и на Кристијано Роналдо и на неговиот починат син.

Поради семејна трагедија, популарниот ЦР7 вечерва нема да игра на големото англиско дерби во Премиер лигата од 21 часот, а Копот на Ливерпул на „Енфилд роуд“ и сите навивачи најавија гест за почит.

Во седмата минута од натпреварот ќе се слушне громогласен аплауз на легендарниот стадион со кој навивачите ќе му оддадат почит на починатиот син на Роналдо, кој не успеа да преживее при породувањето.

Ривалитетот меѓу Ливерпул и Манчестер јунајтед е огромен, Црвените ѓаволи со 20 шампионски круни се рекордери во Англија, а веднаш зад нив е денешниот домаќин на дербито со 19 пехари во првенството.

Заостанатиот меч од 30-тото коло што ќе се игра вечерва од 21 часот е многу значаен за двете екипи.

Ливерпул се бори за титулата и има еден бод помалку од лидерот Манчестер сити, а Манчестер јунајтед бие битка за место меѓу четирите најдобри екипи кои ќе играат во Лигата на шампионите.

Црвените ѓаволи моментно се на петтото место со 54 бода, колку што на една позиција зад нив има и Арсенал, а го бркаат Тотенхем на четвртата позиција со 57 бода.

 

- Оглас -

Најнови вести