Трагичарот на Шпанија вели дека му доаѓало да заплаче, селекторот верува дека оваа селекција ќе освои уште многу пехари

Еден од најискусните шпански фудбалери, Алваро Мората е трагичарот во финалето на Лига на нации. Тој беше единствен кој промаши од белата точка во пенал-рулетот против Португалија. Откако мечот беше 2:2 во регуларниот дел, а потоа немаше погодоци во продолженијата, пеналите требаше да го одлучат шампионот.

На крајот, промаши Мората во четвртата серија за Шпанија и Португалија се радуваше на пехарот. „Благодарен сум на тренерот што имаше доверба во мене. Јасно е дека можев многу подобро да го изведам пеналот, но сега ништо не може да се промени. Останува само да жалам, ништо друго не можам да направам. Не плачев, иако ми се плачеше. Човекот треба да се развива во животот. Минатата година ја освоивме титулата на ЕП, денеска загубивме. Едно нешто што можам да ветам е тоа дека ќе продолжам да учам“, рече напаѓачот на Шпанија.

Иако загубија, селекторот на Црвената фурија, Луис де ла Фуенте имаше само пофални зборови за своите играчи.

„Горд сум на овие играчи. Продолжуваме да работиме по патот по кој сме тргнати. Убеден сум дека нѐ чекаат уште многу успеси. Ниту еден тим не може само да победува. Најважно е секогаш да се бориш, а ние тоа го правиме“, рече предводникот на Шпанија, кој потенцираше дека тој решил Мората да биде меѓу изведувачите на пенали и додаде дека „Мората е вистински шампион и жал ми е за него. Промашувањето на пенал е нормална работа во спортот“, додаде де ла Фуенте.

- Оглас -

Најнови вести