Македонскиот фудбал денеска остана без еден од своите млади надежи. На само 21 година почина Виктор Боневски, млад фудбалер кој со месеци се бореше со тешка болест – малигна неоплазма на абдоменот. За жал, и покрај сите обиди и медицински зафати, Боневски ја загуби најтешката животна битка.
Тажната вест ја потврди неговиот матичен клуб, фудбалската академија Њу Старс, каде што Виктор ги минуваше своите развојни години и беше дел од спортското семејство.
„Со длабока тага и неверување ја примивме веста за смртта на Виктор Боневски. ФК Њу Старс изгуби свој член, наш фудбалер и дел од семејството. Со неговата љубов кон фудбалот, посветеност и другарство, Виктор остави неизбришлив белег во нашиот клуб. Во овие тешки моменти изразуваме искрено сочувство до неговото семејство, роднините и сите блиски. Нека споменот за Виктор остане засекогаш меѓу нас, а неговата добрина и спортски дух да бидат пример за идните генерации. Нека почива во мир“, се вели во соопштението на академијата.
Боневски беше подложен и на оперативен зафат, но неговото тело не издржа во борбата со болеста. Сепак, во своето кратко време на фудбалските терени, остави силен впечаток – не само со талентот и трудот, туку и со карактерот, насмевката и љубовта кон спортот.