Трајковски: И јас и селекторот сме емотивни, си простивме за случката

Триумфот над Швајцарија од 67-61 синоќа во СЦ „Јане Сандански“ ја однесе кошаркарската репрезентација на Македонија во квалификациите за Светското првенство, а капитенот Бојан Трајковски по мечот изјави дека конфликтот кој го имаше со неподавањето рака кон селекторот Драган Бајиќ и шутирањето на рекламни паноа е оставен зад нив.

Бајиќ не го казни искусниот Трајковски, го стави во игра и во второто полувреме и со тоа докажа дека му простил за испадот.

„Секако дека сме задоволни сите, напорно работевме и испочитувавме сè што требаше да испочитуваме. Се бодревме и се боревме, сите бевме заедно, на крајот резултатот е во наша корист. Швајцарија е една одлична репрезентација, со години наназад растат како национален тим, така што на крајот добро е што резултатот заврши во наша полза и се реванширавме. Со селекторот сме одлични, сите работи што се случија пред полувремето беа во жарот на борбата. Двајцата сме малку емотивни, сакаме да победиме. Си подадовме рака и си простивме еден на друг“, рече Трајковски.

За Црвено-жолтите, на претквалификаиците во Скопје останува уште еден меч, против Словачка, добро би било да се извојува победа и да се освои првото место, а потоа ќе ја чекаме ждрепката за квалификациите за СП 2023.

- Оглас -

Најнови вести