Трајковски: Моравме многу подобро да го затвориме мечот, во иднина мора да бидеме многу подобри

Искусниот македонски напаѓач и член на хрватскиот Хајдук, Александар Трајковски, беше стрелец на единствениот гол за Хајдук на гостувањето кај Локомотива Загреб, но тоа не беше доволно за гостите од Сплит да стигнат до победа.

Трајковски погоди за водство во 80-тата минута, но Локомотива израмни, и тоа од пенал во 90+7 минута, односно буквално во самиот финиш на дуелот. Искусниот голгетер е разочаран затоа што поради едно невнимание, Хајдук загуби два значајни бода.

„Знаевме дека ќе биде тежок меч. Имаше многу дуели, многу долги топки, противникот на тоа беше подготвен бидејќи тоа е неговиот стил на игра. Ние ја игравме нашата игра. Создадовме неколку шанси, а откако дадовме гол, моравме подобро да реагираме и да го затвориме мечот. Требаше да ја задржиме предноста, но тоа е фудбалот. Се играа девет минути продолженија и едно мало невнимание значеше пенал за нив и израмнување на 1:1“, вели Трајковски.

Македонскиот репрезентативец во игра влезе како резерва во 58-мата минута и само по 20-тина минути поминати на теренот даде гол. Трајковски вели дека екипата мора уште да се воигра.

„Ние мора уште подобро да се воиграме. Се надевам дека со тек на време ќе биде подобро и подобро“, заклучи Трајковски по постигнување на неговиот прв гол во новата сезона за Хајдук.

- Оглас -

Најнови вести