Трајковски: Ние сме среќно семејство што знае да победува и да се радува

Македонија функционираше како прецизен часовник против аутсајдерот Лихтенштајн и со триумф од 4:1 ја продолжи импресивната серија од 10 меча без пораз.

Први сме во групата и сигурно чекориме кон полуфиналето во Д сегментот, што е дел од предвидениот пат кон Европското првенство во 2020 година.

Александар Трајковски со два гола и одлична игра беше еден од најзаслужните за победата, а тој го знае рецептот за добрите игри и успеси што имаат континуитет од над 15 месеци. Последен пат не порази Шпанија во Скопје, а потоа тргна блескавата серија од цели 10 меча на кои не знаеме за неуспех.

„Добро играме, напредуваме многу и се надевам дека ќе продолжиме во ист ритам и ќе го задржиме првото место во групата. Во следните неколку денови ќе размислуваме за Ерменија. Се создаде една одлична семејна атмосфера во репрезентацијата, еден одличен спој што го дополнија младинците кои играа на Европското првенство во Полска и само нека продолжи така. Имаме квалитетни играчи, кои настапуваат во силни лиги и се надевам дека како што победуваме се повеќе ќе се подбруваме. Ако продолжиме вака верувам дека ниту една селекција од Д сегментот не може да ни ја сопре серијата“, вели Трајковски.

Вчера повторно беспрекорно функционираше италијанската врска на релација Џенова – Палермо, овојпат во Скопје. Пандев двапати асистираше, Трајковски двапати погоди, а истите играчи со одлична акција во претходниот циклус ни донесоа голем успех и реми во Торино против Италија.

„Само нека функционира таа врска. Пандев асистира, јас погодував, но верувам дека кога ќе имам шанса ќе му возвратам на капитенот. Најважно е што победуваме и во репрезентацијата има неверојатен дух и желба за победи“, дополни Трајковски.

 

- Оглас -

Најнови вести