Фудбалската репрезентација на Македонија се подготвува за бараж-мечот против Данска во Копенхаген, а на многумина во мислит им е мечот во Палермо и победата над Италија.
Токму херојот од тој натпревар, Александар Трајковски, верува дека Македонија може да направи нов успех.
„Мислам дека со нов слеектор, со нова енергија и со нова визија ќе се подготвиме добро. Знаеме колку е значаен овој натпревар за нас. Гледам многу добра енергија на тренингот и мислам дека ако вака продолжиме, ќе бидеме подготвени за предизвикот. Данска е фаворит на хартија, но сме докажале дека можеме да играме против која било репрезентација. Верувам во оваа екипа. Тоа што го кажа Хојлунд се надевам дека дополнително ќе нѐ мотивира. Ќе го дадеме максимумот и со борба и фокус да дојдеме до добар резултат“, вели Трајковски.
Офанзивецот на Локомотива од Загреб се потсети на мечот во Палермо од пред четири години.
„Мечот во Палермо е најважен за мене во кариерата. Се надевам дека тој меч ќе ни биде во глава и во Копенхаген. Се надевам дека тоа ќе го повториме и сега во Данска, иако тие се поразлична репрезентација. Секој натпревар е важен, а овој е еден од најважните“, додава Трајковски.
Трајковски се надева дека овој Мундијал ќе биде круна на неговата кариера.
„Сега размислуваме само на Данска. Сакаме да победиме и да дојдеме во финале, а дури потоа ќе размислуваме за следниот меч. Како што беше и против Италија, ова е фудбал, не победуваат секогаш фаворитите. Би сакал Мундијалот да биде врв на мојата кариера“, рече Трајковски.

