Трајковски: Овој циклус е многу важен, сега да извлечеме максимум, па после ќе одмораме

Александар Трајковски е еден од најискусните фудбалери во македонската репрезентација, во кариерата има играно и за белгиски клубови, играл и за националниот тим против Белгија, а за средбата на 6-ти јуни во Скопје од квалификациите за СП 2026, вели дека ќе биде многу важна.

„Овој јунски циклус е многу важен за нас. Тешко е, крај на сезона е, но сега е потребно да извлечеме максимум, а после овој циклус ќе одмораме. Почнавме добро во квалификациите, против Велс имавме добра шанса да победиме, мораме да извлечеме поука дека секој меч се игра до крај и мора да има фокус до крајот. Според мене Белгија е посилна од Велс и треба максимално да се подготвиме. И во Казахстан ќе биде тежок меч, таму ќе се игра на вештачка трева, но за тоа, потоа. Имаме време да се спремиме и ментално и тактички“, вели Трајковски.

„Секогаш, а особено кога играш против една Белгија, мора да бидеш максимално мотивиран. Помина доста време откако играв во Белгија, нивната репрезентација многу се промени откако последен пат игравме со нив пред десетина години. Сега имаат нови млади играчи, ќе биде поинаква од таа селекција“, додава напаѓачот кој сезонава ја мина во Хајдук, а следната сезона ќе игра на друго место.

- Оглас -

Најнови вести