Македонскиот фудбалски репрезентативец, Александар Трајковски даде интервју за еден италијански портал и ја потврди шпекулацијата дека минатото лето интерес за него имало од Милан, но не се договориле, па преминал во Мајорка.
„Имаше понуда, но не беше доволна. Се надевав дека тој трансфер ќе се реализира, но работите не одеа како што сакавме, па заминав во Мајорка. Ова е фудбал, разни работи се случуваат. Имав и други понуди од Италија, но кога ме побара Мајорка, сакав да сменам малку и да се обидам во Шпанија. Можеби еден ден ќе се вратам во Италија“, вели некогашниот член на Палермо, каде што играше заедно со Илија Несторовски.
„Клубот и градот Палермо остануваат во моето срце, се надевам дека ќе се пласираат во Серија Ц следната сезона, а потоа ќе се вратат таму каде што заслужуваат. Секогаш ќе навивам за нив, можеби некогаш ќе се вратат и во Серија А. Мојот прв гол за Палермо беше многу важен за мене, ми дадоа стимул и самодоверба“, рече Трајковски, кој во Мајорка најмногу се дружи со Анте Будимир, а има шанса да игра и да тренира заедно со Таке Кубо, младиот Јапонец кој е на позајмица од Реал Мадрид.
„Кубо ги има движењата на Меси. Многу е талентиран, уште е многу млад, треба да напредува и да созрее. Мислам дека Реал ќе му даде шанса во следната сезона. Со Будимир играв пред девет години во Интер Запрешиќ. Некој да ми кажеше дека по толку години, пак ќе бидеме заедно, немаше да верувам. Одличен напаѓач е, прави разлика во Мајорка“, заклучува Трајковски.