Најдобриот снукер играч на денешницата, Џад Трамп, триумфира на првенството на Велика Британија откако во големото финале, со 10:8 го победи Бери Хокинс. За Трамп со победата во финалето го повтори успехото од пред 13 години и сега по втор пат се радува на трофејот на ова големо натпреварување.
Овој турнир се смета како еден од „светото тројство“ во кое уште влегуваат Светското првенство и Мастерсот. Трамп е играчот кој во последните неколку години доминира во светскиот снукер, освојувајќи трофеи на сите големи натпреварувања, па сосема заслужено е број 1 во светот и е на врвот на светската ранг-листа.
Трамп веќе има заработка од 1,3 милиони евра сезонава, која е започната во јуни и е уште во првата половина. До крајот на сезоната на распоредот се уште многу големи турнири, а Трамп, кој веќе има 30 трофеи од големи натпреварувања, сега се профилира како снукер играч кој може да ги загрози и рекордите на Рони О’Саливен и Хендри.
Следниот предизвик за Трамп е Шут-аут турнирот кој започнува в среда, а се игра по сосема поинакви правила. Следната недела ќе започне и Шкотска опен, што е последен турнир во календарската 2024 година.