Кондицискиот тренер на Баерн Минхен, Томас Вилхелми, почина по долго боледување на 57-годишна возраст, соопштија од германскиот гигант.
Вилхелми беше дел од тренерскиот штаб на Баерн од 2007 година па досега, работел заедно со многу тренери како Јуп Хејнкес, Луис ван Гал, Пеп Гвардиола, Отмар Хицфелд, Јирген Клинсман, Карло Анчелоти, Ханси Флик, Нико Ковач, Џулијан Нагелсман и Томас Тухел.
Тој има значаен придонес за исклучително успешниот период на Баварците во последните години, во кој освоија многу трофеи, меѓу кои 13 титули во Бундеслигата и два трофеи во Лигата на шампионите.
Фитнес тренерот исто така работеше и во Нирнберг, Баер Леверкузен и во националниот тим на Германија.
„Целиот клуб, тренерскиот штаб и тимот, со кои Томас Вилхелми работеше толку интензивно и долго, се во длабока жалост. Томас Вилхелми го сакаше и живееше за Баерн и својата работа. Тој секогаш знаеше каква е состојбата на играчите и беше блиску до нив, особено во периодите на закрепнување од повреди, кога професионалните спортисти најмногу имаат потреба од охрабрување. Повеќе од 17 години тој беше дел од тимот зад тимот и секогаш можеше да се смета на него. Тој направи непроценлив придонес за освојувањето на толку многу трофеи во овој долг период. Никогаш нема да го заборавиме, како и неговите човечки и професионални квалитети. Томас Вилхелми секогаш ќе биде дел од семејството на Баерн. Нашите мисли се со неговата сопруга и двете ќерки“, сподели извршниот директор Јан-Кристијан Дресен за клупскиот сајт на Баерн Минхен.