Пет членови на францускиот прволигаш Сент Етјен, од кои тројца се фудбалери, се позитивни на корона-вирусот. Така покажале резултатите од тестирањето, објави клубот. Тестирани биле 33-ца играчи и 59 вработени лица во клубот, а потврдено е дека петмина се заразени од вирусот.
Сите кои биле позитивни, веднаш се испратени во домашен карантин и ќе бидат набљудувани од медицинскиот тим на клубот, а остатокот од екипата денеска треба да го одработи првиот тренинг откако сезоната во Лига 1 беше прогласена за завршена и за првак беше прогласен Пари Сен Жермен. Играчите кои се позитивни, се заразиле дома и немале контакт со другите клупски колеги. Сент Етјен, кој е некогашен француски првак, беше 17-ти на табелата, но има шанса да се најде во Лигата на Европа и тоа преку Купот.
Финалето на Францускиот куп уште не се знае кога ќе се игра (се спомнуваат крајот на јули или почетокот на август), но кој и да биде терминот, Зелените Светци ќе бидат аутсајдери бидејќи ривал ќе им бидат париските Светци, најсилниот француски тим ПСЖ.