Требаше да биде новиот Кака, но за осум години одигра само три меча за Челзи

Кога пристигна во тимот на Челзи во 2012 година, Бразилецот Лукас Пиацон беше најавуван како новиот Рикардо Кака. Челзи за тогашниот 18-годишен тинејџер од Сао Пауло плати 7,5 милиони евра оштета за да го доведе на „Стемфорд Бриџ“.

Пред да дојде во Челзи, за него се бореше и Јувентус, но Бразилецот одбра да оди во лондонскиот тим. Во Англија замина без да има ниту еден меч во сениорски тим, затоа што тогаш настапуваше во Б тимот на Сао Пауло.

Во Челзи најпрво започна во младинскиот тим, а на крајот од 2012 година дочека и да дебитира за првиот тим и тоа во лигашката победа од 8:0 над Астон вила. Тогаш Лукас дури имаше и асистенција за погодокот на Рамиреш. Иако остави добар впечаток во првиот меч и имаше асистенција, Бразилецот остана само на тој еден настап во Премиер лигата. Имаше само уште два настапи во Лига купот, но тоа беше и крајот на неговата кариера во Челзи.

На почетокот на 2013 година, Лукас беше позајмен во Малага, каде имаше солидна минутажа. Во таа полусезона имаше 11 настапи како стартер. Потоа замина во Витезе, каде постигна 11 погодоци и имаше осум асистенции. Потоа беше на позајмица во Ајнтрахт, каде 11 средби беше стартер, кога даде изјава со кои ги налути челниците на Челзи.

„Ако биде се како што треба тогаш може и да останам во Ајнтрахт“, рече Лукас, кој не остана во Германија и замина на позајмица во Ридинг во Чемпионшип. Потоа замина на позајмица и во Фулам каде имаше 33 натпревари, каде имаше шест гола и четири асистенции.

Бразилецот потоа замина на позајмица во Киево, а последните две сезони е дел од Рио Аве во Португалија. Лукас кој одигра само три натпревари во дресот на Челзи, вкупно седум пати беше даден на позајмица, но уште е под договор со англискиот премиерлигаш.

 

- Оглас -

Најнови вести