Македонската кошаркарска репрезентација загуби од Словачка со 73-82 и го претрпе првиот пораз во претквалификациите за Евробаскетот 2025.
За Македонија ова е само втор пораз од Словачка во меѓусебните дуели, лошо е што сега сме послаби од нив во меѓусебните дуели во овој циклус, но по три дена следува гостување кај Норвешка, на кое Црвено-жолтите со победа би го осигуриле првото место во групата и пласманот во главните квалификации за ЕП.
Вечерва Словаците беа подобри во шутот (дадоа двојно повеќе тројки од нашите) и скокот и заслужено победија. Кобна беше третата четвртина, во која Македонија даде само 8 поени, а избраниците на селектор Јончевски на почетокот на последниот дел имаа негатива и од 21 поени разлика, по што се освестија и дојдоа до минус седум, но немаа сили за повеќе.
Ти Џеј Шортс со 23 поени го предводеше нападот на Македонија, а го следеа Крстевски со 14 и Маслинко со 10 поени.