Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје Аеродром утре ја започнува новата сезона. Аеродромци стартуваа на свој терен против екипата на Теодо Тиват во регионалното натпреварување АБА 2.
Главна цел на аеродромци е сезонава да успеат да се изборат за влез во АБА 1 елитното друштво, но и продолжување на доминацијата на домашно тло.
„Зад нас е еден добар преоден рок. Успеавме да го задржиме костурот на екипата, плус доведовме неколку нови засилувања. Целите наши се исти, а тоа е одбрана на трите трофеи на домашната сцена. Отворање на новата сезона против екипата на Теодо, по долго време меч од регуларен дел во АБА на домашен терен. Ривалот од Тиват има црвста екипа која игра балканска кошарка. Доста се подготвени, задржаа голем дел од играчите од минатата сезона. Очекувам добар меч. Ги повикувам сите симпатизери да дојдат и да дадат поддршка“, вели тренерот на МЗТ, Васко Атанасов.
Капитенот Дамјан Стојановски повеќе од една деценија е верен на дресот на МЗТ и верува дека и во новата сезона ќе продолжи да крева уште трофеи.
„Поминавме добар подготовителен период. Одигравме доволно натпревари. Мислам дека оваа екипа има квалитет за влез во АБА 1, но треба да одиме од меч на меч. Верувам дека и оваа сезона нашите верни навивачи ќе бидат наш шести играч и заедно да успееме да се вратиме во АБА 1 лигата“, вели капитенот Стојановски.