Тренерот им замина пред историски меч – Нема корона, ама и нема да ги води против шампионот

Урс Фишер го напушти тренингот на Унион Берлин денеска и веројатно нема да го предводи Бундеслигашот од клупата во веројатно и најважниот меч во сезоната, против Баерн Минхен во недела, на 17 мај.

Објавено е дека Фишер, за среќа нема корона-вирус и дека си заминал од приватни причини, а неизвесно е дали ќе се врати навреме за рестартот на сезоната во Бундеслигата.

Унион Берлин првпат во клупската историја ќе игра против најтрофејниот клуб во Германија, Баерн Минхен, на домашен терен, а мечот ќе се игра во недела од 18 часот. Спектаклот прво им го расипа пандемијата со ковид-19 бидејќи ќе се игра без публика, а сега како капак доаѓа и неочекуваниот проблем со тренерот.

Унион Берлин има интересен распоред во продолжението на сезоната во Бундеслигата и по мечот со Баерн, ќе го игра градското дерби со Херта, за првпат како прволигаш на култниот „Олимписки стадион“ во Берлин. Тој меч е закажан за 23 мај, сабота, од 15.30 часот.

Новиот прволигаш на девет кола до крајот е во безбедната зона, на 11-тата позиција со 30 бодови, 8 повеќе од Фортуна Диселдорф, 12 од Вердер Бремен и 14 од Падерборн, три екипи кои се најзагрозени во битката за опстанок.

- Оглас -

Најнови вести