Јулијан Нагелсман има само 33 години, а веќе влезе во историјата на фудбалот како најскап тренер. Младиот германски стратег се согласи да направи трансфер и од Лајпциг следната сезона да замине во Баерн Минхен. Најтрофејниот германски клуб за Нагелсман плати 25 милиони евра, со што е срушен досегашниот рекорден трансфер за тренер кој беше во сопственост на Андре Вилаш-Боаш кога Челзи на Порто му плати 15 милиони евра оштета.
За тоа колку е скап овој трансфер, покажува и фактот дека тоа е еден од 30-те најскапи трансфери во фудбалската историја на Бундеслигата. Баерн даде повеќе пари за новиот тренер од трансферите кои ги направија Халанд во Борусија Дортмунд, Олмо и Вернер во Лајпциг, Де Бројне во Волфсбург или трансферот на Арјен Робен во Баерн Минхен.
Нагелсман вели дека негова желба отсекогаш била да седне на клупата на Баерн Минхен, а ова му била вистинска шанса која не смее да се пропушти.
„За мене е нешто посебно тоа што ќе бидам тренер на Баерн Минхен. Никогаш не беше тајна дека сакам да седнам на клупата на Баерн. Ова е единствена шанса“, рече Јулијан Нагелсман по реализацијата на денешниот трансфер.