Тренерот на Абердин е лут на ВАР-системот: Миовски даде чист гол (Фото)

Абердин ја продолжи низата од шест меча во кои нема победа во првенството на Шкотска откако синоќа одигра 3:3 на свој терен против Мадервел. Тимот за којшто игра македонскиот репрезентативец Бојан Миовски губеше со 0:3 само по 26 минути игра, но потоа успеа да се врати во игра и стигна до 3:3.

Абердин можеше и да победи кога токму Миовски даде гол, но судијата го поништи поради офсајд. Според покажаната нацртана линија, Миовски бил во офсајд за некој милиметар, и тоа затоа што бил со главата понапред од дефанзивецот на гостите.

По мечот, тренерот на Абердин, искусниот Нил Ворнок, беше револтиран и смета дека Миовски не бил во офсајд-позиција.

„Не може да ме убедите дека тоа беше офсајд. Ги видов линиите кои беа покажани. Не знам како го прават тоа, но сметам дека немаше офсајд“, реагираше Ворнок.

По ова реми, Абердин стигна до 26 бода, исто колку што има и Мадервел и засега двете екипи се во борба за опстанок.

- Оглас -

Најнови вести