Тренерот на Ајакс, Ерик тен Хаг, е зачуден како може дел од неговите фудбалери да не добијат дозвола да отпатуваат на гостувањето во Данска, иако без проблем можеа да играат во Холандија, но и останатите европски држави. Ајакс вечерва гостува кај Митјиланд во меч од третото коло од Лигата на шампиони, а гостите ќе бидат без неколку стандардни првотимци.
Во Данска не отпатуваа голманите Андре Онана, Мартин Стекеленбург, Даниел Класен, Закарија Лабјад, Рајан Гравенберх и капитенот Душан Тадиќ, а Тен Хаг е збунет околу оваа чудна ситуација.
„Имаше играчи кои играат во Холандија, но не добија дозвола за влез во Данска. Не ги знам прописите, но тоа е навистина чудно. Тие немаат ни компликации, ниту симптоми, но последната одлука беше дека не треба да патуваат. Навистина е чудно, но живееме во чудно време“, рече Тен Хаг, кој најголем проблем ќе има околу голманската позиција затоа што вечерва ќе мора да брани чувар на мрежата од младинскиот состав.
По првите две кола Ајакс има само еден бод по ремито со Аталанта во Бергамо (2:2) и поразот дома од Ливерпул (0:1). Митјиланд е без бодови, откако во првите две кола загуби од Аталанта (4:0) и Ливерпул (2:0).