Маркус Вајнцирл, тренерот на Аугсбург, се закани дека неговата екипа ќе направи сè што може за да го спречи Роберт Левандовски да го урне рекордот на Герд Милер по бројот на погодоци во една сезона во Бундеслигата.
Во минатото коло Полјакот се израмни со иконата на Баерн на 40 погодоци, за што му треба само еден гол да биде апсолутен рекордер, односно Милер по речиси 50 години да биде тргнат од тронот.
„Имаме голем респект кон Баерн и знаеме колку тежок ќе биде натпреварот. Знаеме што да очекуваме и јасно е дека за нив игра најдобриот стрелец, Роберт Левандовски. Мора да сториме сè што можеме за да го спречиме да не го урне рекордот на Герд Милер. Легендата на Баерн ми е идол, дури ми беше тренер во аматерскиот клуб на Баварците во минатото, мислам дека е доволно со Роберт, се израмни со Милер, но не мора и да го надмине неговиот учинок“, истакна Вајнцирл.
Дуелот меѓу Баерн и Аугсбург е закажан во 15:30 часот заедно со останатите дуели од последното коло во Бундеслигата.